Information on this topic also available for:
Кредити и заеми - Credit and loans
Повеќе информации на македонски јазик
Без разлика дали размислувате да купите нов автомобил, нова покуќнина за вашата куќа, или намирници за неделата, сето тоа ќе ве чини пари. Деновиве, еден од начините да ги добиете работите што ги сакате е преку кредит. Кредит е начин на кој позајмувате пари и ги враќате подоцна, со камата.
Без разлика дали имате кредитна картичка, картичка за купување на кредит од некоја стоковна куќа, станбен заем, личен заем, кредит за лични, домашни или станбени потреби, сите овие работи ги регулира Одделот за праведна трговија, во согласност со Еднообразниот правилник за кредити за потрошувачите (Uniform Consumer Credit Code). Правилникот е закон кој опфаќа работи како што се објавување на трошоците при земање кредит, правата и обврските на установата која го дава кредитот и должникот, како и олеснувања за потрошувачите кои имаат тешкотии при исплаќањето на долгот заради тоа што привремено имаат проблеми.
Кредитни картички
Кога ќе добиете одобрение да имате кредитна картичка, можете да трошите толку пари колку што е одредено и тоа се вика кредитна граница. Треба да обезбедите кредитната граница да биде одредена на износ со кој ќе ги задоволувате вашите потреби и кој ќе можете да го вратите. Ако установата што ви дава кредит ви понуди да ви ја зголеми кредитната граница, не сте обврзани да ја прифатите повисоката граница, посебно ако не ви требаат повеќе пари или ако мислите дека можеби ќе ви биде тешко да ги отплатувате.
Ако имате повеќе кредитни картички може да биде опасно исто како да имате една со висока кредитна граница. Помислете на тоа дали на крај можеби ќе треба да се снаоѓате да исплаќате повеќе картички, да го зголемувате вашиот долг на една или две од нив додека се обидувате да го исплатите долгот на другите. Со ова може да се ставите во ситуација од која не можете да се извлечите.
Минимални месечни отплати на долгот
Некои луѓе секогаш ги плаќаат само минималните месечни отплати на долгот што го имаат на кредитните картички или картичките за купување на кредит од стоковна куќа. Ако го правите ова, тогаш покачувањата на наплатите за услуги и каматата на неподмиреното салдо, може да ви го отежнат намалувањето на кредитниот долг.
Купувај сега, плаќај подоцна
Многу продавници и стоковни куќи нудат бескаматни кредити за работи како што се фрижидери, гарнитури за седење, комоди и мебел за спални соби. Кредитот за овие заеми обично се добива преку некоја финансиска установа. Заемите се бескаматни само ако ги вратите во периодот за кој не се плаќа камата. Ако не го вратите заемот во рокот кога не се плаќа камата, тогаш ќе треба да ја платите каматата која ќе биде пресметана од денот кога сте го зеле заемот, и обично, по повисока стапка. Со ова, на крајот, ќе испадне дека сте ги купиле работите многу скапо.
Доцни или пропуштени исплати
Ако не ги плаќате кредитните сметки навреме, тогаш можеби ќе треба да платите казна затоа што доцните, дополнителна камата, или ќе треба да се соочите со мерките што ќе ги преземе кредиторот за да си ги врати парите.
Ако не го исплатите кредитниот долг во рокот што е одреден со договорот, тогаш кредиторот обично е обврзан писмено да ве извести за пропустот и да ви даде 30 дена да ја поправите грешката. Ако и после одредениот рок од 30 дена не го исплатите долгот, кредиторот може да поведе судска постапка против вас за да си ги врати парите. Ова значи дека може да побара налог од судот за одземање на вашиот имот, или, понекогаш, ако долгот не може да се исплати, дури и налог за банкротство.
Кредиторот може да го регистрира вашиот пропуст да го исплатите долгот со некоја агенција за оценување на кредитната способност, и како резултат на тоа, ќе бидете класирани како лице со неповолна кредитна способност, и тоа со години, што ќе ве спречи да земете заем во иднина.
Каде можете да добиете помош ако имате проблеми со исплаќањето на кредитот?
Понекогаш, преголемата зависност од кредити може да предизвика сериозни проблеми. Покрај тоа што длабоко ќе влезете во долгови, тоа може да ви создаде и емоционални проблеми со семејството.
Ако не можете навреме да ја платите кредитната сметка, контактирајте го вашиот кредитор. Ако се работи за привремен проблем, тогаш повеќето кредитори се подготвени да се договорат со вас да ви ги намалат или одложат исплатите; меѓутоа, за тоа треба да разговарате со нив и да се придржувате до работите за кои ќе се договорите.
Ако имате проблеми околу исплаќањето на лични кредити, постојат организации на кои можете да им се обратите за помош. Низ Нов Јужен Велс постојат служби кои нудат совети во врска со финансии. Услугите се бесплатни и се добиваат во доверба. Тие можат да ви ги објаснат договорите за кредит, да ви помогнат да подготвите буџет, и во ваше име да се договорат со кредиторите за исплаќање на тековните долгови. За да најдете каде се наоѓа најблискиот советник за финансиски работи, едноставно телефонирајте на Информативната линија за кредити на 9951 5544.
Одделот за праведна трговија може да ви помогне со информации за правата и обврските на сите странки, да испитува жалби, да се договара во ваше име и да ви даде информации како да побарате олеснување при поведување на постапка за наплата, кога привремено имате проблеми. Во Одделот можете да телефонирате на 9895 0297, или бесплатно на 1800 625 963.
Ако не зборувате англиски јазик, телефонирајте на 13 14 50 и побарајте преведувач на вашиот јазик, кој после тоа ќе телефонира во Одделот за праведна трговија на горенаведените броеви и ќе ви преведува.
Совети кои треба да се запамтат
Следуваат неколку работи кои треба да ги земете во предвид пред да се согласите да земете било каков вид на кредит.
-
Прочитајте ги сите документи пред да ги потпишете
-
Не потпишувајте ништо, освен ако знаете што потпишувате
-
Изберете ограничување на кредитната картичка што одговара на вашите потреби и што можете да си го дозволите
-
Распрашајте се на повеќе места за кредит или кредитна картичка за да се осигурате да го добиете тоа што го сакате
-
Секогаш проверувајте ги извештаите за да проверите дали се е точно
-
Ако земете кредит преку продавниците во малопродажба или дворовите за продажба на автомобили, тогаш исплаќањето е често поскапо отколку купување на кредит на други места
-
Ако имате проблеми да го исплатите кредитниот долг, не одложувајте. Побарајте помош.

