Изнајмување на куќа/стан за живеење - Renting a home

Овој дел содржи информации за потрошувачите, како станари или  станодавци, во врска со изнајмување на имот.

При изнајмувањето куќа или стан во NSW, имате законски права и обврски.  Куќа или стан можете да изнајмите директно од станодавецот или преку некој агент за  неподвижен имот.

Дефиниции

Следуваат дефиниции на термините кои се користат во овој дел:

  • Станар е лице кое плаќа станарина за да живее на имот во сопственост на друго лице.
  • Станодавец  е лице кое поседува имот и го дава под наем на некој станар.
  • Агент за неподвижен имот е лице кое го вработил станодавецот за да ги води работите околу изнајмувањето на неговиот имот.
  • Агент е друго име кое често се користи кога се зборува за агент за неподвижен имот.
  • Станарска обврзница е паричен износ кој станарот му го плаќа на станодавецот како гаранција во случај во иднина да го прекрши договорот за  наем на станбен простор.

Започнување на наем на станбен простор

Пред да се вселите, агентот/станодавецот мора да ви даде писмен Договор за наем на станбен простор.  Договорот за наем на станбен простор е законски важечки и се состои од два дела:

Дел 1

Условите на договорот (што значи, работите кои станодавецот и станарот се договориле да ги направат додека трае наемот на станбен простор).

Дел 2

Извештај за состојба во кој се објаснува во каква состојба се наоѓаат просториите при вселувањето.

Многу е важно пред да го потпишете договорот за наем на станбен простор, да ги разберете условите. Ако не можете да читате на англиски јазик, ќе треба да замолите некое лице кое го зборува вашиот јазик да ви преведува.  Ако сметате дека во извештајот за состојбата во која се наоѓаат  просториите има грешка, треба да ја забележите, како и сите други работи кои можеби не се точни или кои ги нема во извештајот.

После тоа, за овие работи треба да разговарате со агентот/станодавецот и тоа пред да го потпишете договорот. Пред да се потпишете, проверете дали се согласувате со сите работи што се изнесени во извештајот за состојбата, затоа што тој може да се користи како најважен доказ ако дојде до спор заради состојбата во која се наоѓаат просториите кога ќе заврши наемот на станбен простор.  Треба да чувате примерок од овој извештај за ваша евиденција.

Поправки

Станодавецот е секогаш одговорен да ги изврши сите поправки, меѓутоа, понекогаш за нив треба да плати станарот.

Станарот плаќа кога:

  • штетата се појавила како последица на негово/нејзино невнимание
  • штетата била направена намерно, на пример:
    • во ѕидот има дупка затоа што станарот се разлутил
    • топката го промашила ѕидот и удрила во прозорецот
    • малата дупка на теписонот која се појавила од  истрошеност со користење, станала голема затоа што станарот пред се не го известил за тоа станодавецот.

Станодавецот плаќа кога:

  • нешто ќе се скрши/расипе и тоа не по вина на станарот
  • се што бара одржување заради вообичаената истрошеност со користење, на пример:
    • машината за перење алишта беше во куќата и се расипа не по вина на станарот
    • бојата на ѕидовите е стара и се лупи, и потребно е тие повторно да се бојадисаат
    • една тула на влезните скали се разлабавила заради вообичаено користење.

Пример

Вие сте станарот. Забележувате дека на стаклената преграда на тушот се појавила мала пукнатина која не сте ја забележале кога го проверувавте извештајот за состојбата на просториите.  Ја игнорирате затоа што е мала и едвај се забележува. Покрај тоа, таа беше таму кога се вселивте.  Додека живеете во куќата/станот, пукнатината станува се поголема се додека еден ден, кога се потпирате на стаклото, тоа прснува.

Кој е одговорен во овој случај?

Можеби вие.  Не заборавајте дека пукнатината  не беше означена во извештајот за состојбата во која се наоѓале просториите, така да не постои доказ дека таа постоела пред да се вселите.  Ако агентот/станодавецот исто така не ја забележале, тогаш тие може да побараат од вас да платите за штетата.

Како требаше да постапите

При вселување, целосно проверете го местото.  Во извештајот за состојбата во која се наоѓаат просториите забележете ги сите дамки, пукнатини или проблеми што ќе ги најдете.  Ако нешто треба да се поправи, запишете го тоа во долниот дел од извештајот така да агентот/станодавецот знае што мора да се поправи.  Ако поправката не се изврши во разумен временски период, тогаш напишете писмо до агентот/станодавецот во кое ќе објасните дека поправките сакате да се извршат до одреден датум.  Агентот/станодавецот е обврзан со закон да ги изврши поправките.

Ако сепак сте пропуштиле да ја забележите пукнатината на стаклената преграда на тушот, и подоцна сте ја откриле, не губите ниту една секунда.  Телефонирајте му на агентот/станодавецот, и после тоа испратете му писмо за работите за кои ќе се договорите.  Според законот, мора да го известите агентот/станодавецот за сите поправки што треба да се извршат.  Со тоа станодавецот има можност да го реши проблемот, пред состојбата да се влоши, или дури и да стане опасна.  Ако станодавецот не ја изврши поправката, но подоцна бара да ви задржи пари од обврзницата за поправката, вашето писмо ќе може да се користи како доказ дека навремено сте го известиле за проблемот.

Како да избегнувате проблеми додека трае наемот на станбен простор

За да си помогнете да избегнувате проблеми:

  • треба секогаш да ја плаќате станарината или во спротивно може да побараат да се иселите
  • ако примите известување за расправа пред Трибунал, секогаш треба да одите на таа расправа (Повеќе информации за Трибунали).
  • осигурете се дека сте го прочитале и разбрале договорот за наем на станбен простор пред да го потпишете
  • грижете се добро за просториите
  • не го вознемирувајте мирот, удобноста и приватноста на вашите соседи
  • секогаш кога ќе се согласите на нешто, потврдете го тоа на писмено и испратете му примерок на вашиот агент/станодавец.

Како да управувате со вашиот сопствен имот

ко поседувате имот како инвестиција, тогаш ќе треба да се одлучите дали самите ќе ги водите работите околу изнајмувањето на имотот или ќе користите агент.

Без разлика дали ќе одлучите да користите агент или самите да ги водите работите, како станодавец сте обврзани да го почитувате законот и да ги исполнувате вашите обврски.  Треба да купите два примероци од договорот за наем на станбен простор на кои ќе се потпишете вие и станарот, пред да започне наемот на станбен простор.

Договорите за наем на станбен простор може да се најдат во големите продавници за весници или книжарници, и често доаѓаат заедно со примерок од Прирачникот за изнајмување, кој е издаден на 17 јазици, и извештајот за состојбата во која се наоѓаат просториите.

Исто така, одговорни сте:

  • да осигурате на почетокот од наемот на станбен простор, имотот да биде слободен, чист во разумни граници и погоден за живеење
  • да ги плаќате сите сметки за вода и канализација
  • да обезбедите имотот да биде безбеден и сигурен
  • да ги извршите сите потребни поправки на имотот
  • да им давате писмени белешки на станарите кои ви платиле станарина лично или по пошта
  • да го почитувате мирот, приватноста и спокојствотот на станарот при користењето на имотот.

За специјализирани услуги во врска со изнајмување на куќа/стан за живеење, телефонирајте во Информативната служба за наем на станбен простор на 13 32 20 или на.  Ако не зборувате англиски јазик, телефонирајте на 13 14 50 и побарајте преведувач на вашиот јазик, кој после тоа ќе телефонира во горенаведената служба и ќе ви преведува.